Градината е како животот
Дали сте забележале дека кога им обрнувате повеќе внимание на растенијата и се однесувате со поголема грижа и љубов кон нив, тревата е позелена, а цветовите побујни? Не, не станува збор за вашата имагинација, градината возвраќа на вашето внимание и љубов.
Љубовта докажано прави разлика и влијае врз здравјето. Таа го поттикнува создавањето на окситоцин, кои некои го нарекуваат уште и „гушкачкиот хормон“. Окситоцинот го зајакнува имунитетот, го намалува стресот и високиот крвен притисок. Љубовта која ја примате/давате го зголемува производството и на допамин, кој е поврзан со чувствата на среќа и задоволство.
Откажувањето не е опција
Дали сте забележале дека кога го поткаструвате дрвото или ја корнете тревата во градината, тие повторно растат и се намножуваат? Природата која е создадена продолжува да се бори и покрај неудобноста и лошите услови. Можете да се обидувате да ја скротите, но таа просто одбива да се покори. Колку и да изгледа фрустрирачки, нејзината упорност е поттик за инспирација.
Слично како и вашата градина и вие го имате потенцијалот да се развивате и да напредувате, без оглед на пречките кои ви ги поставува животот.

Поуката: Понекогаш, тревата која е искорната најмногу расте и се размножува најбрзо, станувајќи најсилното растение во градината.
Успехот е резултат на секојдневна работа
Доколку сакате да имате убава градина, потребно е секој ден да ја навадувате, да ја корнете тревата, да ги поткаструвате оштетените делови на растенијата. Дали сте забележале за колку краток период градината може да се запусти, ако не ѝ обрнувате внимание?
Слично како и со градината, соништата не може да растат и да се развиваат без секојдневно посветување на истите. Без оглед на околностите, доколку работите свесно и посветено секој ден, соништата (порано или подоцна) се остваруваат. Преземете барем еден чекор секој ден, без оглед колку и да ви изгледа малечок и ќе се изненадите од резултатите.
Прифаќањето на промените е нормално
Градината постојано се менува. На пролет цвеќињата цветаат, на есен пожолтуваат, овенуваат, а лисјата паѓаат.
Слично е и во животот. Вие може да очајувате во одреден период кога нешто замира или се менува, но може и да прифатите дека секогаш ќе има такви периоди, да ја прегрнете промената и да уживате во кругот на животот.
Без промени животот би бил досаден, дури тоа и да значи дека треба да исчистите огромна количина на лисја во градината или да го зачистите нередот во вашиот живот.